
Наспроти општото мислење (кое, само затоа што е општо, не мора да биде и точно), пазарот не е само градска орнаментика или некаков рудимент од селскиот начин на живот. Напротив, пазарот е есенцијата на градот, тој е праклетката на урбаниот начин на животот, родното место на еснафот, а без еснаф не постои ни град. Во таа смисла, Бит пазар е најголемиот и најстариот скопски пазар, па според тоа и најпретставителниот сегмент на градскиот живот.
Значи, на почетокот постои пазарот, а потоа се појавува чаршијата. И Бит пазар не е никаков исклучок од овој, би рекле, нормален еволутивен градски пазар. Не е, значи, чудно што гордоста на градот, Старата скопска чаршија (нејзиниот најголем подем е практично во XIX век), се гради на тогаш празниот простор меѓу Пазарот и Даутпашиниот амам, така што Бит пазар се поставува како природен влез во чаршијата, па и во тогашниот град. Нераздвоен дел од една сериозна урбана трговска целина. Затоа и во некои патеписи може да се прочита дека „големите азиски пазари, оној во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со скопскиот претставуваат само бледи и банални турски знаменитости“ (Виктор Рерар, 1896).
Со оглед на фактот дека Пазарот нема свој паркинг, дел од него се претвора во центар на сивата трговија.
За Бит пазар може да се каже дека е прилично пристојно, па дури и пријатно место за поминување на едно утринско претпладне. Пазарот е богат, боите се живи, мирисите опојни... Речиси е сигурно дека, дури и ако немате некоја сериозна намера да купите нешто, сигурно нешто ќе испазарите. Пазарџиите се љубезни и пресретливи, а, што е мошне важно, владее и пазарската етика. Ценкањето е пристојно, а ниту еден пазарџија нема да ве одбие за муабет. Понудата е богата, а цените пристојни во однос на другите пазари во градот. По пазарењето имате богат избор: да одите на кафе, на салеп, на слатки... или, едноставно, да прошетате по Старата чаршија, па дури и да отидете до Музејот на Македонија, и од еден пазарен ден да си направите вистинско доживување.
Во таа смисла, Бит пазар е класичен демант на овдешните поговорки и синтагми врзани за пазарот, кои, по правило, имаат негативна конотација: „Се однесуваш како на пазар“, „Не си на пазар!“, „Не се дери као на пазар“ и слични. Напротив, посетата на Бит пазар, во принцип, внесува надеж дека за Скопје има шанси, дека дури и тука е можно едно градско, урбано однесување.




Нема коментара:
Постави коментар